Ракометарите на Охрид денеска против Струга го одиграа првиот контролен натпревар во подготвителниот период пред продолжението од регуларниот дел на Суперлигата и обезбедија победа со резултат 34:31.
За стратегот на Охрид, Раде Стојановиќ денешниот натпревар, кој беше одигран во Велгошти, претставуваше вистинска можност за проверка на силите пред клучните битки за обезбедување место во плеј-оф фазата.
Стружани, за разлика од првиот контролен натпревар на кој беа убедливо поразени од Еурофарм Пелистер 2, денеска одиграа во подобро светло.
Екипата на Охрид есенскиот дел во Суперлигата го заврши на 5 место со 25 освоени бодови. Ист број на бодови имаат екипите кои се позиционираа на 6 и 7 место, Тиквеш, односно Пролет.
Избраниците на Наум Танески во останатите шест кола во Суперлигата ќе имаат можност да се изборат за дополнителни бодови, но според освоените резултати тие сигурно ќе патуваат во плеј-аут фазата за опстанок во Суперлигата.