Третопласираниот тим од минатата сезона во Суперлигата, Бутел Скопје, имаше победнички старт во новата сезона од елитната конкуренција. Избраниците на Кристијан Грчевски го добија драматичниот натпревар против Охрид со 24-23, откако направија голем пресврт во финишот.
Во првото полувреме бутелци ја имаа контролата на натпреварот, водеа и со плус три во неколку наврати, но жилавиот гостин парираше одлично и до паузата успеа да намали на минус еден, 11-10. Во домашниот тим во првите 30 минути доминираа Мајиќ и Ѓоргиевски кои дадоа 10 од 11 гола на Бутел.
Сепак во вториот дел следуваше комплетен пресврт. Охриѓани заиграа подобро во дефанзива, погодуваа Бојаниќ, Чејовиќ и Рустамов за највисоки плус четири, 19-15. Искусниот Василевски пресече два напади на Охрид, беа казнети грешките на ривалот и Бутел почна да се враќа во игра.
Беше 21-20 на пет минути до крајот, но погоди Андоновски за реми, а потоа и Рустамов за ново водство на Охрид. Домашните не се откажуваа од полн плен на овој дуел и со три гола во серија на минута до крајот беше 24-22. Бојаниќ намали од седмерец, домашните не реализираа напад, но немаше време за Охрид да стигне барем до бод, па триумфот остана за Бутел Скопје.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Димитар Ѓоргиевски со осум гола, а Мирко Мајиќ постигна седум. Одлична партија на голот имаше и голманот Блажески. Кај Охрид се истакнаа Владимир Бојаниќ со девет гола, како и Халил Озтурк, Хазеин Рустамов и Балша Чејовиќ кои дадоа по три гола.