Ракометарите на Охрид продолжија со успешната серија и со победите во Групата А од Супер машката лига така што плеј-офот им е веќе загарантиран и останува формално да ја довршат задачата од регуларниот дел.
Денеска Охрид славеше со 20:18 на гостувањето во Струга иако наиде на цврст противник, кој од натпревар во натпревар игра подобро и ја крева постојано формата.
Во текот на сите 60 минути имаше неизвесност. И двете екипи имаа што да покажат. Сепак, почетокот не најавуваше ваков епилог. Охрид тргна решително и најави убедлива победа. Само десет минути беа доволни за предност од 5:1, но во продолжение дојде до враќање на домашните.
Девет минути подоцна беше 6:6 и тука натпреварот влезе во далеку поинтересен тек. Имаше надигрување на двете страни, но до крајот на првото полувреме Охрид направи мала предност и на одмор замина со 11:9.
Второто полувреме влезе во поголема неизвесност особено откако Струга успеа да израмни на 12:12, а малку потоа и да поведе со 14:13. Сепак, неколку минути подоцна Охрид одново ја врати предноста. Во 57. минута имаше и 20:17 и тука веќе беше одлучен победникот така што само беше потврдена улогата на фаворит на овој дуел.
Охрид дојде до нов триумф со кој останува убедливо на првото место со десет победи и заверен пласман во плеј-офот.