Охриѓани најавија дека доаѓаат во Скопје по бодови на дуелот со Алклоид, но гостите не издржаа до крај иако во последните минути донесоа мала привремена неизвесност. Алкалоид победи со 24-22 (12-11) и со трет триумф по ред останува наврвот на табелата во Група А од првенството. Охрид останува на трите бода освоени во претходното коло, и досега е без бодови од двете гостувања сезонава.
Победникот беше решен во првите 6-7 минути од второто полувреме кога Алкалоид поведе со 17-12 со што најави дека бодовите ќе останат во Скопје. Се обиде Охрид да се врати во игра, и тоа му успеа. Од водство на Алкалоид 19-14 во 51 минута, гостите од Охрид намалија на 19-17 и 20-18 во 55 минута.
Драмата во Скопје им припадна на домаќините кои потоа со два гола зголемија на 22-18 во 57 минута. Немаше веќе време за ново враќање и евентуален пресврт. Тасевски намали на 22-20, а Младеновиќ со гол зголеми на 23-20 како потврда на триумфот. До крајот остана малку време, но секако важно е со која гол разлика ќе се победи.
Гостите играа без Тоше Ончев кој е повреден и интернационалецот Дејан Шешиќ за кого не се успеа да се завршат административните работи за негов настап.
Новаков во Супер лигата имаше шанса уште во првото полувреме да направи дпбра предност од „плус 4“, а кога во тоа не успеа стигна казната. Гостите од Охрид го имаа расположениот пивотмен Владимир Бојаниќ кој постигна пет гола во првото полувреме и голманот Зураби Цинцадзе со седум одбрани и еден седмерец.
Токму Бојаниќ постигна два гола во 25 и 29 минута со кои Охрид израмни на 11-11 во 29 минута. Потоа Кристијан Симоновски во последните секунди зголеми на 12-11 за Алкалоид.
Средбата во Скопје почна со водство на Охрди, но од 10 минута Алкалоид ја имаше иницијативата. Седум минути подоцна тие зголемија на 8-6, и тоа беше период кога домашните го зголемуваа водството. Првпат во 21 минута имаа позитива од „плус 3“ за 11-8, а потоа четири минути се водеше борба за тие четири гола водство, кои сепак на дојдоа. Двата голмани Благојче Трајковски и Зураби Циндцадзе одбранија по еден седмерец.
Најефикасни на средбата беа Озтур со 7 гола за Охрид, а Стојков постигна 6 за Алкалоид. Голманите имаа свој ден: Зураби Циндцадзе одбрани 15 топки, а Благојче Трајковски имаше 12 одбрани.
Во следното коло Охрид гостува кај Куманово, а Алкалоид игра на гости кај Вардар.