Ракометарите на Охрид имаа лесна задача во 10. коло од Супер лигата и на домашен терен остварија лесна и убедлива победа против екипата на Прилеп од 32:21, со што имаат половичен успех од по пет победи и порази во досегашниот дел од сезоната.
Прилеп имаше добар почеток на дуелот и почетно водство од 0:2, Охрид првиот гол го постигна во 8. минута и брзо ја презема контролата на играта и резултатот. Во продолжение Прилеп тешко постигнуваше голови и во 20. минута беше 9:5 за домаќинот.
До крајот на првото полувреме Охрид одржуваше позитива од два до три гола, во завршницата Шилегов и Николов погодија за добра предност на тимот на Раде Стојановиќ на полувремето. После 30 минути игра беше 14:10.
Во второто полувреме Охрид потполно доминираше, после само десетина минути игра домашниот тим веќе имаше 19:12. Веќе беше јасно кој ќе ги освои бодовите, Прилеп немаше одговор на играта на противникот, кој со лесни голови постојано ја зголемуваше предноста.
Во 45. минута Охрид стигна до двоцифрена разлика кога водеше 25:15, а до крај на мечот рутински ги освоија бодовите. Во составот на Охрид, Стефан Додиќ и Филип Кривокапиќ со по шест гола беа најефикасни, додека во екипата на Прилеп, Александар Тренчевски и Христијан Милошески постигнаа по пет гола.