Охрид не успеа да освои бодови против тимот на Алкалоид, откако тимот од Автокоманда славеше со 32-26. Победникот беше решен во средината на вториот дел на мечот, кога гостинските ракометари со серија од шест гола при резултат 23-23 ја направија клучната предност за победата. Домаќините се обидуваа да се вратат во мечот, но со оглед на многуте повредени играчи и малата ротација, немаа сили за камбек.
Охрид поведе преку Дрогришки со 1-0, но новиот суперлигаш набрзина возврати и со головите од пенал и контра стигна до 2-1. Српскиот пивот Бојаниќ израмни на 2-2, по одличната асистенција на Цирар. Во продолжение најчесто се играше гол за гол, а голманите Галевски и Василевски имаа свои моменти. Охриѓани искористија еден момент кога гостите имаа играч помалку во два наврати и успеа да поведе со 13-11.
Избраниците на Горан Андоновски не успеаја да стигнат до плус три, иако имаа две шанси, па новиот суперлигаш ги казни грешките и успеа преку Ѓорѓиев и Петров да израмни на 13-13. Гостите дури и поведоа со 14-13, но во последните секунди десниот бек Шешиќ со удар од голема далечина му донесе реми на Охрид за крај на израмнетото прво полувреме, 14-14.
Тимот на Кире Лазаров го искористи исклучувањето на Тасески кај Охрид, поведе на стартот на вториот дел, а по двојната одбрана на Галевски, стигна за првпат до плус два, 17-15. Гостите имаа и шанса за плус три, но не погодија. Затоа Охрид израмни на 17-17, а во овие моменти најекспониран во домашниот тим беше Каракоч кој погоди три пати по ред. На спртивната страна реализатор беше Маркоски за 20-19.
Шешиќ израмни на 20-20, но охриѓани ја загубија течноста на нападите, се почесто грешеа и гостите успеаја за првпат на мечот да стигна до плус три, 26-23, на десет минути до крајот. Продолжија неуспешните напади на Охрид и тимот од Автокоманда успеа да поведе со 29-23, со што го најави походот кон трите бода. Домашните не се откажуваа, но осакатени од многубројните повреди и скратената ротација, не успеаја да стигнат до бодови.
Најдобри поединци во победничкиот тим беа Петров со шест, како и Серафимов и Џонов со четири гола, додека кај Охрид се истакнаа Шешиќ со шест, плус Бојаниќ и Дрогришки со пет погодоци.