Охрид на се или ништо, натпреварот против Пролет ќе одлучи за плеј-оф

Ракометарите на Охрид во рамките од 20. коло во Супер машката лига ќе се сретнат со екипата на Пролет, која е директен ривал на Охриѓани за место во плеј-оф фазата.

Победникот од овој натпревар ќе биде во голема предност и многу блиску до плејофот. Во првата меѓусебна пресметка меѓу двете екипи победи Пролет со еден гол разлика, 25:24.

Екипата на Пролет е во подобра позиција на табелата бидејќи има 31 бод, додека ракометарите на Раде Стојановиќ имаат три бода помалку, 28.

Но, до крајот од регуларниот дел, Пролет го очекуваат тешки дуели со Еурофарм Пелистер и Бутел. Екипата на Охрид во последните две кола ќе игра против Прилеп и Еурофарм Пелистер 2. Охрид дополнително ќе треба да го одигра одложениот натпревар против Металург, доколку екипата од Автокоманда успее да излезе од тешката финансиска криза.

Еден од главните играчи во одбраната на Охрид, Михајло Младеновиќ, се надева на позитивен резултат од дерби дуелот против Пролет.

„Овој натпревар одлучува дали ќе се пласираме во плеј-офот. Се подготвуваме и тактички и физички максимално, гледаме да го намалиме бројот на технички грешки. Се трудиме и работиме максимално, за во сабота да одиграме што е можно подобро. Екипата на Пролет има доста добри бекови, и мораме да го прекинеме брзиот пренос на топката, така да ако го спречиме сето тоа можеме да направиме резултат и да го решиме натпреварот што е возможно побрзо“, изјави Младеновиќ.

Средниот бек на Охрид, Мартин Ивановски, очекува голема поддршка и исполнети трибини во СЦ „Билјанини Извори“.

„Публиката е препознатлив знак, посебно за нашата екипа, а особено навивачката група „Рибари“ која што непрекинато на сите натпревари не бодрат, мислам дека публиката ќе биде наш осми играч во сабота. Ги повикувам сите во што е можно поголем број да дојдат и да не поддржат против составот на Пролет. Овој натпревар е клучен за пласман во плеј-оф фазата “, изјави Ивановски.

Натпреварот меѓу екипите на Охрид и Пролет ќе се одигра денеска со почеток од 18:00 часот во СЦ „Билјанини Извори“.

ПозЕкипаНПРЛБ
1МЕТАЛУРГ22701515