Ракометарите на Охрид одиграа лесен натпревар при враќањето на терените после паузата поради позитивните случаи со Ковид 19 кај повеќето екипи. Денеска охриѓани на домашен терен го совладаа тимот на Радовиш, кој дојде со десет ракометари, со 32:11.
Од почетокот на средбата беше јасно кој победува на овој натпревар бидејќи Охрид поведе со 3:0, а потоа имаше и убедливи 13:2 откако гостите немаа гол од 8. до 21. минута.
Тука веќе натпреварот беше одлучен, па до крајот на средбата беше само формалност и одговор на прашањето со каква разлика ќе биде добиен овој дуел.
На полувреме резултатот беше 19:5 така што можеше во продолжение повеќе да се комбинира и шанса да добијат и некои играчи кои немаат многу минутажа.
Во листата на стрелците кај Охрид успеаја да се запишат речиси сите играчи, па немаше поголеми проблеми за да се дојде до висока победа. Сите учествуваа во оваа победа со што Охрид продолжува според планот во Групата А од Супер машката лига.
Радовиш кој на овој дуел беше без поголем дел од главните ракометари и не можеше да се надева на нешто повеќе. Дури петмина се повредени. Илиев има шинат зглоб, додека голманот Паунов има проблеми со лактот, а Стојановски влече повреда на рамото. Долдуров и Везенковски уште од стартот на сезоната се надвор од ростерот, а има и двајца кои се позитивни на Ковид 19.