Екипата на Охрид го одигра последениот контролен натпревар пред продолжението од сезоната, а на вториот дуел против Ловќен претрпе пораз од 29:30.
Во натпревар во кој охриѓани играа без голманот Брауновиќ и на терен во поголемиот дел од времето беа помладите ракометари, на одмор резултатот беше позитивен и Охрид водеше со 15:13.
„Денеска шанса им дадов на помладите играчи. Добија можност за поголема минута и сум задоволен од прикажаното. Задоволен сум и од пристапот кој го имаа момците на сите натпревари кои беа одиграни. Влегуваме во продолжението на првенството со самодоверба и со цел да се пласираме на едно од местата кои водат кон плеј-оф натпреварите во пролетниот дел од сезоната“, вели тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ.
На шест кола до крајот на регуларниот дел од сезоната екипата на Охрид има 25 бода и се наоѓа на 5. место. Ист број на бодови имаат и Пролет и Тиквеш, но тие имаат полоша гол разлика.