Турскиот репрезентативец Халил Озтурк е најновото засилување за составот на Охрид, кој го стартуваше разигрувањето за титулата во Суперлигата.
Озтурк доаѓа од тимот на Металург, кој нема да се натпреварува во продолжението од сезоната, па македонските прилики веќе му се добро познати и нема да има потреба за адаптација.
Средниот бек во минатата сезона играше за турскиот шампион Спор Тото (порано Мили Пјанго), а претходно беше дел и од тимот на Гезтепе. Има 25 години и трансферот во Металург беше прв за него во странство.
Во тимот на Охрид треба да ја пополни празнината по заминувањето на Стефан Додиќ во Вардар, а минутажата ќе ја дели со Мартин Ивановски и Филип Кривокапиќ.
Озтурк е стандарден репрезентативец на Турција и беше дел од составот за квалификациите за СП 2023 и претквалификациите за ЕП 2024 година.