Екипата на Вардар на гостувањето во Охрид против истоимената екипа дојде до важна победа откако славеше со 27:22, во натпревар од 5. коло од Суперлигата. Охриѓани имаа сили да парираат 40-45 минути и во останатиот дел од натпреварот поискусната екипа со подобрата организираност стигна до петтата победа во новата сезона.
Мотивираните домаќини имаа фуриозен старт и по водството на „црвено-црните“ од 1:0 направија серија од 4:0 и поведоа со 4:1 во 10 минута од дуелот во спортската сала „Билјанини извори“. По изненадувачкиот старт на домаќинот, македонскиот шампион успеа да се консолидира и со погодоците на Георгиевски, Столилов и Манасков го сврте резултат во своја корист и по втор пат дојде до водство победувајќи со 5:4.
Избраниците на Андоновски со голот на Ончев од пенал израмнија на 5:5, потоа следуваше период, во кој двете екипи постигнаа неколку гола, па така резултатот во неколку наврати беше нерешен. По нерешените 7:7, домаќините со два гола во низа се одлепија на 9:7, но не успеаја да ги сочуваат до полуврмето бидејќи ракометарите на Недановски повторно дојдоа до израмнување на резултатот, 9:9.
Во финишот од првото полувреме се играше гол за гол и ниту една од двете екипи не можеше да направи сериозна предност и резултатот најчесто беше нерешен. Вардар во последните минути беше екипата која имаше минимална предност, додека Охрид беше тимот кој постојано изедначуваше. По големата борба во првите 30 минути, резултатот на пауза беше 13:12 во корист за гостинот.
Ракометарите на Вардар во воведниот дел од второто полувреме дојдоа до највисокото водство од три гола разлика, 15:13. Во тој момент беше јасно дека гостинот сериозно ја сфати задачата и дека нема да игра опуштено во преостанатиот дел од натпреварот. Вардар постигна неколку брзи гола, дојде до водство од 18:15 и во 40 минута Добрковиќ со гол од контра зголеми на 19:15.
По највисокото водство на Вардар, домаќинот со одлична серија од 4:0 го израмни резултатот на 19:19 во 45 минута. Поискусната екипа знаеше како да одигра кога се крешеше резултатот и во последните десет минути влезе со предност од три гола разлика, 22:19. Составот на Вардар рутински ја одржуваше стекнатата предност од четири до пет гола разлика и не дозволи домаќинот да има било каков обид за евентуален камбек.
Најефикасен во победничката екипа беше Куни Моралес со седум гола, додека Стојанче Стоилов имаше четири реализации. Кај Охрид се истакнаа Халил Озтурк и Владимир Бојаниќ со четири гола.