Ракометарите на Охрид славеа на гостувањето кај составот на Скопје со убедливи 23-36 и во февруари ќе ја продолжат трката по место во разигрувањето за титулата во Суперлигата.
По почетните 3-3, домаќините влегоа во „црна дупка“, и не можеа да постигнат гол десет минути. За тоа време, избраниците на Раде Стојановиќ ги казнија сите грешки на Скопје.
Погодуваше Шилегов од контра, Кривокапиќ и Манасков од далечина, па Охрид стигна до плус шест, 3-9. Не помогна ниту тајм-аутот на Андријана Будимир и гостите во еден момент имаа и плус девет, 7-16.
Во продолжение, домаќините заиграа подобро во нападот, успеаја да стопат дел од негативата и со голот на Филип Василевски во последните секунди, ги поставија конечните 12-18 на пауза.
По петнаесетина минути игра во вториот дел, Охрид стигна до плус десет, 17-27, и до крајот немаше дилеми околу тоа кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар. Шанса за настап добија сите ракометари од клупата, а охриѓани само рутински ја одржаа разликата.
Најдобри стрелци кај победникот беа Филип Кривокапиќ со осум и Мартин Манасков со шест погодоци, а солиден на голот беше и Јагош Брауновиќ. Кај Скопје се истакна Леонид Киселовски со девет гола.