Ракометарите на Пролет по изненадувачкиот пораз од КЛ7 во претходниот натпревар, не успеаја да се вратат на победничките патеки и на домашен терен згубија од големиот ривал Охрид со четири гола, 18-22. Охриѓани сега имаат максимални шест победи на шест меча во првиот круг од регуларниот дел од Суперлигата.
Избраниците на Раде Стојановиќ отворија со водство од 0-3 на почетокот, но домашните набрзина го неутрализираа и преку Андоновски и Палевски на два пати израмнија на 3-3.
Потоа се играше гол за гол, а во 15. минута гостите останаа без голманот Никола Даниловски, кој доби црвен картон по реакција за ударот во неговото лице од Аларов при еден шут.
По 9-9, Пролет искористи неколку грешки на охриѓани и поведе со 12-9, но Кривокапиќ во последните секунди успеа да го совлада голманот Ангелов од голема далечина за 12-10 на пауза.
Беше 13-11, па 14-12, но Пролет продолжи со грешките во нападот и гостите направија комплетен пресврт со помош на голманот Брауновиќ, поведоа со 15-18. Не промени ништо ниту тајм-аутот на Никола Матлиески, неговите избраници беа без идеја во нападите, а охриѓани безмилосно казнуваа во нападот за конечна победа со плус четири, 18-22.
Најдобри стрелци кај Охрид беа Кривокапиќ со осум и Тот со седум голови, додека за Пролет, Палевски постигна шест погодоци.