Репрезентативката на Норвешка и членка на Ѓер, средниот бек Стине Офтедал поради повреда ќе биде отсутна од ракометните терени одреден временски период.
Раководството на Ѓер преку својата клупска страна ја информираше тамошната јавност дека искусната ракометарка на еден од тренинзите заработила повреда на лицето, а откако била прегледана од лекарите утврдена била скршеница на носот.
Офтедал поради добиената повреда не беше во можност да настапи на вчерашниот натпревар против Мец, на кој нејзиниот тим беше поразен со четири гола разлика, 28:24.
Норвежанката ќе паузира неколку недели и најверојатно на своите соиграчки ќе им се приклучи кон средината на месец октомври. Тоа значи дека Офтедал ќе го пропушти подготвителниот период на норвешката репрезентација пред стартот на ЕП 2022, кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора.
Континенталниот собир ќе стартува на 4 ноември. Норвешка ќе игра во група со репрезентациите на Унгарија, Хрватска и Швајцарија.