Најдобриот десен бек од последното Европско првенство, Хорхе Македа, ќе ги брани боите на унгарскиот шампион Веспрем од следната сезона. Шпанецот денеска беше промовиран како нов ракометар на тимот предводен од Давид Дејвис.
Покрај Македа, промовирано беше и десното крило Данил Шишкарев, кој си оди од Вардар по пет сезони и ќе игра за унгарскиот првак, исто така од лето. Покрај Дејвис, таму се уште и поранешните вардарци Штербик, Манасков, Борозан и Рожерио.
Македа потекнува од Барселона, играше за Алкобендас и КАИ Арагон, потоа за францускиот Нант, две години во Вардар, пред да се пресели во ПИК Сегед, каде што е еден од најдобрите стрелци.
Трансферите на релација ПИК Сегед – Веспрем и обратно не се ништо ново. Лани од Веспрем во Сегед се пресели голманот Роланд Миклер, а во истата насока на лето ќе се пресели и левиот бек Борут Мачковшек.