ОФИЦИЈАЛНО: Никола Матлиески ќе го води Тиквеш

Тоа што го најави 24Ракомет минатата недела, денеска доби официјализација – Никола Матлиески седнува на клупата на Тиквеш, откако кавадаречкиот тим го промовираше новиот тренер на социјалните мрежи.

Поранешниот тренер на младинската екипа на Металург, потоа на Металург 2, и на Пролет и на Голден Арт треба да ја заврши сезоната во Кавадарци. Но, истовремено да работи на создавање на тим што в година повторно ќе се бори за пласман во плејофот и борба за место во европските купови.

Матлиески од јуни 2021 година работеше како дел од тимот на Голден Арт. Иако играа во Прва лига, тимот директно избори место во елитата и за малку не стигна да влезе во борба за плејофот. На почетокот на пролетниот дел, во средината на февруари иако победи против Јуниор Кисела Вода, управата реши да го смени.

Претходно Матлиески беше предводник на Металург 2, а беше селектор и на кадетската репрезентација на Македонија. Беше дел од стручниот штаб на репрезентавијата на Македонија на претходните ЕП и СП на кои настапи Македонија. Со екипата на Пролет имаше добри резултати и избори пласман и во европските купови.

Во моментов Тиквеш е на четвртото место на табелата со 14 бода, два повеќе од Охрид и четири повеќе од Бутел. Тиквеш во следното коло гостува кај Еурофарм Пелистер 2, а во последните две кола игра со Вардар и со Еурофарм Пелистер. Тиквеш очекува победа во Битола, кај вториот тим на Еурофарм Пелистер, но затоа е аутсајдер на дуелите со Вардар и со Еурофарм Пелистер.

Тиквеш најде тренер: Поранешен репрезентативен тренер доаѓа во Кавадарци