Раководството на Бундес лигата даде зелено светло за прием на украинскиот шампион, Мотор Запорожје, за учество во втората Бундес лига. Како што е веќе познато, украинскиот национален шампионат беше прекинат поради воената ситуација во Украина, која сѐ уште трае.
Во знак на солидарност, челниците на Бундес лигата одлучија да им помогнат на нивните пријатели од Запорожје и денеска официјално донесоа одлука за прием на украинскиот шампион во втората Бундес лига.
Сите натпревари на украинскиот тим во втората Бундес лига нема да имаат никакво резултатско значење бидејќи ќе се одиграат во форма на пријателски натпревари, односно нема да бидат вклучени во официјалната статистика.
Домашен терен на Мотор ќе биде спортскиот центар „Кастело“ во Дизелдорф. Доколку украинскиот тим добие право на настап во Лигата на шампионите, тогаш меѓународните натпревари ќе ги игра во истиот центар, кој има капацитет за 3000 гледачи. Мотор во ракометната елита може да учествува преку една од шесте вајлд-карти што ги доделува ЕХФ.
Војната во Украина беше причина клубот да не ги заврши целосно настапите во групната фаза во Лигата на шампионите и не ги одигра последните три натпревари против Барселона, ПСЖ и Порто. ЕХФ одлучи натпреварите да бидат регистрирани со службен резултат (10:0) за противниците на клубот од Запорожје.
Мотор од 2013 година доминираше на украинска сцена, а тимот на трипати стигнуваше до осминафиналето во Лигата на шампионите. Поголемиот дел од играчите веќе го напуштија клубот и сѐ уште не се знае со каков играчки кадар ќе располага актуелниот шампион на Украина за следната сезона.
🤝"Handballer helfen Handballern" – Die ukrainische Mannschaft HC Motor Zaporozhye wird in der kommenden Saison in der #2HBL an den Start gehen. 🇺🇦 Alle Infos: ⤵️https://t.co/JjJmaZHHjF
— LIQUI MOLY HBL (@liquimoly_hbl) June 9, 2022