Управниот одбор на Металург даде зелено светло, па неколку часа после објавувањето на името на Зоран Кастратовиќ за кандидат за тренер на „металурзите“ тој е промовиран во нов стратег на тимот од Автокоманда.
После отпуштањето на Дамир Стојановиќ, Металург беше во потрага по нов тренер. Според информациите од клубот во комбинација биле и уште неколку еминенти стручњаци. На списокот биле и: Ивица Обрван, Жељко Бабиќ, Бранко Тамше, Рафаел Гихоса и Ненад Кљаиќ, но Кастратовиќ ја доби довербата на раководството.
Тој доаѓа во тежок момент за клубот, но во исто време и во период кога ќе има голем предизвик бидејќи ќе треба екипата да се бори за пласман во групната фаза од Купот на ЕХФ.
Се работи за тренер кој зад себе има големо искуство бидејќи досега водел неколку репрезентации: Македонија (жени), Црна Гора и Иран, како и тимовите на Вардар, Кометал Ѓорче Петров, Сутјеска и Ал Џаиш.