Еден од тренерите во Македонија со Мастер Коуч лиценца, Горан Кузманоски, во следната сезона ќе го предводи суперлигашот, Скопје 2020, а денеска клубот ја официјализираше соработката.
Некогашниот репрезентативец на Македонија, кој имаше уште неколку понуди од македонски клубови, но и неколку опции за интернационална тренерска кариера, одлучи да остане во Македонија и своето знаење и искуство да им го пренесе на младите ракометари на Скопје.
Популарниот Таста клупата на Скопје ќе ја преземе од тренерската палка од Андријана Будимир. Таа останува во стручниот штаб заедно со Ања Алтхаус, и двете и сезонава беа во клубот. Планирани се и неколку играчки засилувања со кои Скопје треба да биде конкурентен и да може без проблеми да биде најмалку во „златната средина“.
Екипата на Скопје за Кузманоски ќе биде втор предизвик во неговата тренерска кариера. Кузманоски во последните две сезони мина на клупата на Прилеп и од прилепскиот тим заминува со исполнета цел, двапати со клубот успеа да обезбеди опстанок во најквалитетното македонско натпреварување.
Новата сезона во Супер лигата треба да почне на 3/4 септември. Прв предизвик за Кузманоски во новиот клуб ќе биде екипата, во која ја одигра последната сезона од играчката кариера, Еурофарм Пелистер. Освен Еурофарм Пелистер, Скопје за противници во рамки од Групата Б ги има и екипите на Голден Арт, Пролет, Тиквеш, Радовиш, Јуниор КВ и вториот тим на Еурофарм Пелистер.