Трансферот што пред десетина дена прв го најави 24Ракомет, доби официјализација во Франција.
Кружниот напаѓач на екипата на Охрид, Кристијан Анастасовски, во следната сезона ќе го има првиот интернационален предизвик. Тој се сели во екипата на Анже, која сезонава обезбеди место во ПРО лигата, втора по квалитет во Франција.
Анастасовски потпиша договор на две години, до 2022 и би требало да биде важна алка во составот предводен од туниската легенда Исам Теж и од Гијом Дупен.
„Лесно успеавме да се договориме со Кристијан, бидејќи му се допадна нашиот проект. Се работи за одличен кружен напаѓач, кој знае да игра и во одбраната, може да покрива повеќе позиции. Во нападот исто така знае да создаде простор, добро доаѓа до топка и сигурен сум дека ќе биде од голема помош за нашиот тим“, изјавија од Анже.
Пивотменот пред да се пресели во Охрид, беше дел од екипите на Вардар Јуниор и Работнички. Анастасовски ќе има македонско друштво, бидејќи во Анже игра и поранешниот играч на Охрид, Дарко Георгиевски.