Хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ освои шест трофеи со Барселона во првата сезона во каталонскиот клуб. Следен трофеј на кој се надева е пехарот од Лигата на шампионите кој во 2017 година го подигна со Вардар. Но, до одигрување на фајнал форот остануваат уште нешто повеќе од шест месеци.
Првенството во Шпанија беше прекинато, а Барселона како првопласирана во моментот на прекинување стана шампион. Големиот број заразени со коронавирус во Шпанија беше причина за крај на првенството, а Циндриќ за хрватските медиуми имаше свој коментар.
„Го освоивме шпанското првенство на начин на кој никој не посакуваше, но немавме друг избор. Секако сите сме среќни за титулата, сепак немаше големо славење. Со оглед на тоа што ракометот е спорт со многу близок контакт, а до крајот на сезоната ни остануваа уште малку натпревари федерацијата не сакаше да ризикува и прогласи крај на сезоната“, рече Циндриќ.
Откако е член на Барселона од минатото лето, Циндриќ има богата сезона со трофеи. Стана Светски клупски првак, ги освои Кралскиот куп, Купот во Асобал лигата, Шпанскиот суперкуп, Суперкупот на Каталонија и пехарот од домашното првенство. Очигледно ова не ги задоволува апетитите на Циндрќ и се стреми кон освојување на пехарот од Лигата на шампионите.
„Дојдов тука за да освојувам титули и да уживам во животот. Засега е се супер, се оди според планот. Ни преостанува уште борбата во Лигата на шампоионите. Малку е чудна одлуката завршниот турнир да се игра во декември, но ја прифативме и гледаме позитивно на тоа. Не очекуваат долги подготовки за турнирот кој најмногу сакаме да го освоиме.