Репрезентативецот на Србија, Лазар Кукиќ во следната сезона ќе игра во амбициозната екипа на Динамо Букурешт. Романскиот шампион денеска го потврди трансферот на ракометарот, кој требаше да го засили Мешков Брест, но поради ситуацијата со белоруските клубови, кои беа санкционирани од страна на Европската ракометна федерација (ЕХФ), средниот бек од Србија реши да ја прифати понудата на клубот од романската престолнина.
Веќе подолго време во романските медиуми се шпекулираше дека Кукиќ ќе биде новиот ракометар во тимот на Чави Пасквал, а романскиот портал „ГСП“ излезе со информација дека месечната плата на српскиот репрезентативец во Динамо Букурешт ќе биде околу 12.000 евра, со што ќе биде еден од најплатените ракометари во екипата, но и во романскиот шампионат.
Кукиќ во Динамо Букурешт ќе игра две сезони и ќе има можност своите квалитети да ги покаже во најквалитетното европско натпреварување – Лига на шампионите. Во својата кариера настапуваше само за Партизан, Ла Риоха и Бенфика. Изминатата сезона со екипата на Бенфика ја освои титулата во Лига на Европа.
Динамо Букурешт претходно се засили со Али Зеин од Барселона, Станислав Кашпарек од Мешков Брест и Вјачеслав Бохан од Мотор Запорожје, односно СКА Минск. Во екипата се очекува да пристигне и Педро Силва од шпански Пуенте Хенил, за кој од поодамна се шпекулира дека ќе биде новиот играч во романскиот тим.
Романскиот шампион во новата сезона во Лигата на шампионите ќе биде дел од групата А. Противници на избраниците на Чави Пасквал во групната фаза ќе бидат екипите на ПСЖ, Магдебург, ГОГ, Веспрем, Висла Плоцк, Порто и Загреб.