Екипата на Младост од Бања Лука иако стана шампион на Република Српска и директно обезбеди место во босанската елита, сепак, раководството на клубот одлучи да го откаже учеството во најквалитетното натпреварување во БиХ.
Раководството на Младост истакна дека клубот нема доволно финансии за да настапува во повисок ранг на натпреварување и во следната сезона ќе остане да се натпреварува во прволигашката конкуренција.
Младост во изминатата сезона на 22 натпревари забележа само еден пораз и без проблеми го освои трофејот во Првата лига на Република Српска.
Доколку Младост не се откажеше, тогаш Бања Лука во следната сезона ќе имаше два суперлигаши.
,,Младост Бања Лука ја известува јавноста дека по освоената титула во Република Српска нема да настапува во Премиер лигата на Босна и Херцеговина. Причината за нашето повлекување е поради недостигот на финансиски средства за ова натпреварување. И покрај сите напори на Управниот одбор на нашиот клуб, да ги обезбедиме потребните средства, за да ја крунисаме заслужената титула како шампион на Република Српска со влез во Премиер лигата, за жал не успеавме. Ова секако го сметаме за пораз на нашиот клуб, но сигурни сме дека, како и досега, во следниот период ќе бидеме посилни и со соптвени сили ќе ги оствариме сите зацртани цели”, стои во дел од соопштението на клубот.
Во изминатата сезона истата судбина ја доживеа Јединство. Клубот освен што мораше да се откаже од суперлигашки настап, поради финансиски причини исчезна од ракометната мапа.