За разлика од првенствата во сениорски и младински конкуренции, ракометните школи кои уште во март запреа со работа, организаторите на кампот „Кирил Лазаров 7“ се оптимисти дека планираниот 6. камп може да се одржи.
Првично беше планирано кампот да се одржи од 19 јуни до 1 јули, и тоа во две смени, во Охрид. Вкупно 400 кампери очекуваат инфо дали и кога ќе може да бидат дел од кампот, а меѓу пријавените има пријавени учесници од Шведска, Данска, Холандија, Србија, БиХ, Хрватска, Австрија, Романија, Германија, Словенија и Шпанија.
Организаторите на кампот веќе им испратиле информација на оние што се пријавиле да бидат дел од кампот. Најавен е можниот почеток, 5 јули, но за тоа, сепак, треба и потврда од државните институции дека може да се организираат вакви настани.
На кампот кој прераснува во вистинско училиште каде минуваат многу познати тренерски имиња може да се пријават деца и младинци на возраст од 7 до 18 години.
Како тренери за годинава се пријавени Кирил Лазаров, Данило Брестовац, Моген Вајс, Оливера Кецман, Борче Марковски, Бранислав Ангеловски, Наташа Коцевска, Ице Соколески.
„Изминатиов период дел од Вас не контактираат околу информација околу плановите на организаторот на кампот ова лето во Охрид. Пред сè грижејќи се за здравјето за сите партиципиенти на кампот (особено децата), а немајќи доволно информации до сега за тоа како и кога би се реализирал кампот, сакаме да Ве информираме дека ниту ние ниту Кирил како прв човек на оваа организација во ниту еден момент нема да дозволиме организирање на кампот под некаков ризик. Државата е таа која пред сè треба да дозволи одржување на ваков тип на настани
Гледаме дека последните ден два има најава за олабавување на мерките, наскоро ќе се отворат и салите, а до 5 јули (датум што го планираме за старт на кампот) има уште 50-тина дена. Ние како организатори сме оптимисти и стоиме на ставот дека има доволно време да се создадат услови за реализaција на кампот“, се вели во пораката упатена до родителите на пријавените кампери.
„Штом го дефинираме новиот датум за реализација на кампот ќе Ве информираме и ќе бараме потврда дека Ви одговара. За тој дел ќе добиете навремено информација на која ќе треба да ни дадете повратен одговор.
Ќе ја следиме состојбата и ако државата дозволи и ако процениме дека има услови ќе се реализира кампот.
Верувам дека сите (особено децата) со Ковид ситуацијава уште по нестрпливо го очекуваат кампот.
Затоа Ве замолуваме за уште малку трпение за да можеме да донесеме вистинска одлука во интерес, пред се, на децата и нивната желба да партиципираат на овогодинешното издание на кампот“, се вели во информацијата од организаторот.