Ракометарите на Работнички остварија важна победа во битката за опстанок во суперлигашкото друштво. Избраниците на Стојан Петрушевски славеа над Јуниор КВ во интересен натпревар со 34-33.
По почетните 3-3, гостите први направија солидна предност од три гола, 3-6. Во продолжение избраниците на Ристо Магдинчев ја одржуваа разликата и не му дозволуваа на ривалот да се врати во игра. На пауза заминаа со водство од плус два, 17-19.
До средината на вториот дел Јуниор КВ беше тимот што доминираше на теренот и го контролираше резултатот. Имаше плус три, 21-24, но тогаш се разбудија домашните и со серија од пет голови, која ја предводеше Ончев, стигнаа до воство, 26-24.
Сепак Јуниор КВ се врати во игра, израмни на 26-26, а до 29-29 се играше гол за гол. Домашните се одлепија одново на плус три, 33-30, но гостите го направија возбудлив финишот. Во меѓувреме поради три исклучувања и црвен картон, Работнички остана без Виктор Крестевски, а гостите намалија на 33-32, но потоа промашија пенал.
Работнички згреши во два наврати при 34-32, но голманот Виларов одбрани два зицери. Пресингот на Јуниор му донесе шанса за гол, Пешкирски погоди за 34-33. Домашните пак погрешија и остана кратко време за реми на гостите, кои се сплеткаа и не упатија удар кон домашниот гол.