Во рамките од 10. коло од Првата лига, Астраион излезе победник во дерби дуелот против Кичево, триумфираше со 33:32 во натпревар од Групата Б.
Во првото полувреме, ракометарите на Кичево одржуваа резултатска предност до 5. минута. Имаа водство од 4:2, но домаќините со серија од 3:0 стигнаа до минимална предност од 5:4. Избраниците на Пепи Пецанов имаа активен резултат во преостанатиот дел од првото полувреме. Во еден момент имаа највисоки четири гола предност, 13:9, сепак гостите од Кичево не се предаваа лесно и заостануваа на еден до два негатива. Домашната екипа со головите на Ончев и Стојанов се избори за водство од 16:15 на полувреме.
Кичево во второто полувреме преку расположениот Тасески дојде до израмнување на резултатот, 16:16, а минута подоцна и до водство од 17:16. Следуваше период во кој двете екипи се менуваа во водство и ниту една од нив не успеваше да направи поголема разлика од еден гол, сѐ до 46. минута кога Мастев со својот втор гол донесе плус два за домаќинот, 25:23. Смилески кој беше џокерот во кичевскиот состав со три гола во низа донесе предност за својата екипа од 26:25. Астраион влезе во кризен период и му дозволи на својот противник да има моментална контрола врз играта.
На пет минути пред самиот финиш резултатот гласеше 29:29. Во клучните моменти, Астраион остана само со четворица ракометари на терен поради исклучувањата од по две минути на Манчев и Мастев. Ракометарите на Драган Кузманоски и со двајца ракометари плус не успеаја да постигнат погодок. Котевски стави точка на драмата со својот гол за 33:31, а во последните секунди Мојсоски намали на минус еден 32:33.
Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од редовите на Астраион, Иванче Ончев со 15 постигнати погодоци. Одлична партија од гостинската екипа имаше Мојсе Тасески со 13 погодоци. Во следното коло, Астраион гостува во Штип кај Текстилец. Екипата на Кичево на свој терен ќе се соочи со Аеродром.