Екипата на Охрид без левиот бек Тоше Ончев ќе му се спротистави на Алкалоид во натпреварот од третото коло во Супер лигата.
Ончев заработи повреда, истегнат преден вкрстен лигамент и менискус, во победата над Прилеп на домашен терен и ќе отсуствува две до три недели, потврди тренерот на охриѓани Горан Андоновски.
„Ончев уште од првиот тренинг имаше проблем со коленото, но во тек на тренажниот процес мислевме дека повредата е минато, меѓутоа на натпреварот со Прилеп при еден доскок повторно се пожали на болки и после направена магнетна резонанца покажа дека е само истегнување на лигаментите така да се надеваме дека ќе паузира не подолго од месец дена. Ончев беше доведен во Охрид да биде носител на играта, да направи разлика, секако дека е хендикеп неговото неиграње на натпреварите кои претстојат, меѓутоа се надевам дека Халил Озтурк и Даниел Андоновски добро ќе ја извршат својата работа во одбрана и напад и добро ќе го заменат Ончев до неговото враќање на терен“, изјави Андоновски.
Иако Ончев нема да биде во можност да им помогне на своите колеги на теренот, тој ќе патува во Скопје и ќе биде поддршка за екипата. Очекува за дваесетина дена да биде фит и повторно да го даде максимумот за Охрид.
„Сега состојбата е подобра, од денеска почнувам со физикална терапија и вежби, па очекувам наскоро да се приклучам на тимот. Јас секако ќе патувам за Скопје да гледам, многу ми е жал што не можам да им помогнам на колегите. Ќе биде интересен натпревар, Алкалоид е добра млада екипа што трча многу, но вервувам дека момците ќе го дадат максимумот и ќе освоиме три бода“, изјави Ончев.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Охрид се игра во сабота во 18:00 часот во СРЦ „Борис Трајковски“.