Еден од легендарните голмани, кои што оставија голема трага во светскиот ракомет, искусниот Тиери Омејер за официјалната страна на Европската ракометна федерација (ЕХФ) зборуваше за неговата кариера, успесите со репрезентацијата на Франција, како и за клупските настапи.
Омејер со екипата на ПСЖ во сезона 2016/17 играше во финалето во Лигата на шампионите против Вардар, а македонскиот шампион со голот на Иван Чупиќ во последната секунда дојде до првиот трофеј во ЛШ.
Искусниот голман не успеа да го одбрани последниот шут на „црвено-црните“ и мораше да го прифати поразот.
„Секако дека сакав да ја освојам Лигата на шампионите со ПСЖ во 2017 година, но во финалето против Вардар во последните секунди реши еден шут за титулата. Постигнав многу работи во ракометот на кои не ни помислував кога бев дете. Ја завршив кариерата кога изразив желба, иако сум сигурен дека можев да продолжам да бранам уште една или две сезони”, изјави Омејер за ЕХФ.
Французинот во својата кариера девет сезони мина во дресот на Монпелје и Кил, додека во ПСЖ настапуваше четири сезони. Последната титула во ЛШ ја освои со екипата на Кил во сезона 2011/12.