Оливер Димитриоски е нов тренер на суперлигашот Скопје, откако двете страни се договорија за соработка во следната сезона. Прилепчанецот Димитриоски доаѓа на местото на друг прилепчанец – Горан Кузманоски, кој замина во Бутел Скопје.
Димитриоски е искусен стратег, кој минатата сезона седеше на клупата на Македонија Ѓорче Петров со која обезбеди место во прволигашкиот плеј-оф. Претходно кратко време мина во женскиот шампион Ѓорче Петров.
Тој долго време работеше со младинските категории на Металург, но и со сениорскиот состав на тимот од Автокоманда, со кој има освоено и Куп трофеј, кога беше совладан Вардар во 2019 година. Поседува и Мастер Коуч лиценца.
Скопје оваа сезона играше во суперлигашкиот плеј-аут и обезбеди опстанок во елитното друштво за следната сезона. Играчкиот кадар допрва ќе биде потврден, а под водство на Димитриоски, тимот ќе има што да покаже во Суперлигата.