Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Јелиз Озел, која пред извесен период стави крај на својата репрезентативна кариера, реши да не се повлече целосно од ракометот.
Искусната ракометарка со раководството на нејзиниот актуелен клуб, Измир, се договори да го продолжи својот договор на уште една сезона.
Големото име во турскиот ракометот, кое остана во сеќавање кај македонските љубители на ракометот, и во следната сезона ќе претставува вистинска закана за секој противник бидејќи сѐ уште игра во одлична форма, иако има 42 години.
Озел во Кометал ЃП дојде во текот на 2004 година, остана три сезони, односно играше до сезона 2006/07. За брзо време стана лидер во таборот на ѓорчепетровки, како и миленик на македонската публика.
Поранешната репрезентативка на Турција клупската кариера ја започна во Турк Телеком во 1998 година, а играше уште во низа турски клубови – Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахал, Муратпаша, Кастамону и Јаликавак. Средниот бек беше дел и од екипите на Бјасен од Норвешка и Валчеа од Романија.