Од четири екипи што ќе бидат дел од Европскиот Куп, само тимот на Металург ќе игра европски натпревар на домашен терен.
Другите три – Ѓорче Петров, Куманово и Чаир ќе играат само на гостински терен. Куманово оди во Израел, Ѓорче Петров ќе патува на Исланд, а Чаир двата меча ќе ги игра во Косово.
Салата „7 март“ во Чаир не ги исполнува условите за европски натпревари, па од клубот побараа други алтернативи. Чаир доби прескапа цена за користење на СЦ „Јане Сандански“, а во СЦ „Борис Трајковски“ на 15 октомври концерт ќе има популарната група „Ил Диво“ и не може за следниот ден да биде оспособена за натпревар.
Тренерот Басри Љатифи ги наведе причините зошто се решиле на овој непопуларен потег.
„Сите нека се запрашаат зошто екипите ќе играат само на гостински терен. Сите спортски сали што ги исполнуваат критериумите на ЕХФ за европски натпревари се зафатени во тој период. За малата сала и тоа за женски натпревар во СЦ „Јане Сандански“ ни дадоа цена од 80.000 денари со попуст, доколку сакаме да ослободиме некој од зафатените термини. Во СЦ „Борис Трајковски“ има концерт на 15 октомври, па ни кжаа дека не можат да ја оспособат веднаш следниот ден за европски натпревар. „Јане Сандански“ е дадена на МОК кој за обичен термин бара 2.000 денари, а за натпревар 80.000 денари. Во „Кале“ не може да се игра бидејќи таа сала ја користи Кошаркарската федерација. Каде е сега проблемот, до неспособните или неодговорните? Срамота е за спортот ако во денешно време треба да молиш за сала или да одиграш два меча на гости, каде однапред си осуден на пораз“, вели Љатифи за 24Ракомет.
Чаир оди во Косво, кај тимот на Истогу, а двата меча ќе се играат во Истог на 15 и 16 октомври од 18:00 часот.
Ѓорче Петров оди на Исланд кај тимот на КА Пор, а двата меча се играат во Акурејри на 7 и 8 октомври од 21:30 часот. Куманово патува во Израел кај составот на Макаби Аразим Рамат Ган. Првиот меч ќе се игра на 10 октомври од 18:00 часот, а реваншот е утре дента во истиот термин. Само Металург ќе игра европски натпревар оваа сезона на домашен терен. Првиот меч против шампионот на јужниот сосед на Македонија, ПАОК, ќе се игра на 8 октомври од 15:00 часот во Солун, додека реваншот е во Скопје на 15 октомври од 16:30 часот.
Ѓорче Петров, Чаир и Куманово ќе бидат домаќини „на гости“, само Металург ќе игра европски меч дома!