Репрезентацијата на Македонија денес во рамки од 2. коло од Европското првенство за противник ја има Холандија, која во 2019 година го освои златото на Светското првенство во Јапонија. Избраничките на Пер Јохансон во првото коло триумфираа против романската репрезентација.
Македонија и Холандија низ историјата имаат одиграно три натпревари. Двете репрезентации првиот меѓусебен дуел го одиграа на Светското првенство во Италија (2001). Тогаш Холандија беше подобра од македонската репрезентација со 29:24. Победата над Македонија за Холандија беше прва и единствена на Мундијалот во Италија.
Двете репрезентации за последен пат се сретнаа во квалификациите за Европското првенство 2010. Македонија, Холандија, Литванија и Хрватска беа дел од квалификациската група 7. Двата квалификациски натпревари меѓу Македонија и Холандија завршија без победник (20:20), (28:28).
Сепак, Холандија се пласира на Европското првенство бидејќи освен двете победи против Литванија, како и двете нерешени средби против Македонија, имаше и еден триумф од дуелите со „коцкестите“.
ДОСЕГАШНИ МЕЃУСЕБНИ СРЕДБИ
8 ДЕКЕМВРИ 2001 (СВЕТСКО ПРВЕНСТВО)
МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА 24:29 (9:16)
18 ОКТОМВРИ 2009 (КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП)
ХОЛАНДИЈА – МАКЕДОНИЈА 20:20 (15:8)
30 МАЈ 2010 (КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП)
МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА 28:28 (12:14)