Кавадарци нетрпеливо го чека првиот судиски свиреж за почеток на новата сезона во Македонија во суперлигашкото друштво.
Подготвени како никогаш досега, ракометарите на Тиквеш во недела во спортската сала Јасмин, ќе покажат дека и оваа година имаат амбиции да бидат во врвот на македонскиот ракомет.
Во Кавадарци овој продолжен викенд се одржува Тиквешкиот Гроздобер, а ракометниот натпревар против Еурофарм Пелистер 2 в недела, ќе биде како „јаготка на шлагот“ за кавадарчани и навивачите „Лозари“.
Тренерот Никола Матлиески очекува најмалку пласман меѓу најдобрите четири екипи.
„Мојата желба е место погоре на табелата или во најмала рака клубот да биде во најдобрите четири и оваа сезона. Подготовките покажаа дека имаме квалитетни играчи со новите засилувања кои одлично се вклопија со момците кои останаа и оваа сезона да ги бранат боите на Кавадарци. Сериозноста на нашиот тим во минатата сезона ќе ги натера македонските клубови да доаѓаат во градот на виното и песната апсолутно подготвени. Се надеваме дека бодови од спортската сала Јасмин од Кавадарци нема лесно да излегуваат“, вели Матлиески.
Прв предизвик за кавадарчани ќе биде дуелот со Еурофарм Пелистер 2.
„Екипата на Еурофарм Пелистер 2 оваа година е составена од млади и амбициозни играчи, но нашата желба е победа и срце на терен“, заврши Матлиески.
Капитенот Страхиња Симиќ е задоволен од играчкиот кадар и тоа како новите играчи се вклопија во системот на Тиквеш.
„Оваа година имаме поголем ростер и покриеност на секоја позиција. Новите играчи одлично се вклопија во составот, а во подготвителниот дел сите го почувствувавме новиот квалитет кој доаѓа во клубот. Како капитен одговорно тврдам дека оваа година во Кавадарци ќе се игра одличен ракомет“, вели Симиќ.
Српскиот среден бек очекува први бодови во новата сезона по мечот со Еурофарм Пелистер 2.
„Први бодови и задоволна публика, тоа е целта во недела. И не само Еурофарм Пелистер 2, секоја екипа од Македонија која ќе гостува на жешкиот терен во Кавадарци нека не очекува полн плен. Ја користам можноста во празнична атмосфера да ве поканам во недела на атомски ракомет“, заврши Симиќ.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2 се игра в недела во спортската сала „Јасмин“ со почеток во 18:00 часот.