Од Татран најавија: Целта е да го добиеме реваншот со Еурофарм Пелистер

Екипата на Татран Прешов утре на свој терен ќе го пречека Еурофарм Пелистер во реванш дуелот од четвртфиналето на регионалната СЕХА лига.

Шампионатот на Словачка на првиот натпревар во Битола беше убедливо поразен со 37:29.

Тренерот на Татран Прешов, Марек Гернат истакна дека иако неговиот тим има големи проблеми со повредени играчи, сепак, ќе атакува на победа против македонскиот вицепрвак.

,,Имаме многу проблеми во тимот. Ќе видиме на кого ќе сметаме за дуелот со Еурофарм Пелистер. Противникот исто така ќе дојде во изменет состав во однос на првиот одигран натпревар. Сепак, Еурофарм Пелистер има широка ротација, по 2-3 играчи на секоја позиција и нивниот квалитет е на високо ниво, па може да се направат соодветни замени. Резултатот од првиот натпревар доволно зборува за квалитетот на Еурофарм Пелистер, но нашата цел е да победиме на овој натпревар“, изјави Гернат.

Десното крило Ерик Фенар, исто така се надева на позитивен исход во натпреварот со битолскиот тим.

,,Имавме тешка задача во Битола, бидејќи немавме играчи за замена, особено во редовите на одбраната. Но, верувам дека ќе бидеме во посилен состав за реванш натпреварот. Мораме да ги избегнеме техничките грешки кои ги имавме премногу на гостински терен, односно во првото полувреме и да се бориме за секоја топка и секој гол. Водството од осум гола за противникот е големо, но мислам дека можеме да се бориме и надигруваме. Со добра игра верувам дека ќе го добиеме натпреварот“. изјави Фенар.

Натпреварот меѓу Татран Прешов и Еурофарм Пелистер ќе се одигра утре, во „Татран Арена“, со почеток од 16:00 часот.