Десниот бек Каи Смитс стана првиот холандски ракометар што ја освоил Лигата на шампионите. Холанѓанецот, кој има 26 години, со тимот на Магдебург во неделата станаа нови шампиони во европската елита, откако го совладаа Келце со 30-29 (26-26, 13-15) во продолженија.
Смитс уште на Европското првенство во Унгарија и Словачка покажа дека се наметнува како лидер во дресот на ,,лалињата”, но со својата снаодливост на теренот даде до знаење дека е на вистински пат да стане дел од најдобрите ракометари.
Холанѓанецот во неговата последна сезона во Магдебург одигра на високо ниво и беше еден од клучните фактори за големиот успех на бундеслигашот, кој повеќе беше аутсајдер пред Ф4 турнирот, отколку некаков тим кој може да изненади и да стигне до златото.
Десниот бек беше најдобар стрелец на Магдебург на двата меча, против Барселона и Келце на Ф4 турнирот во Келн, но и во текот на изминатата сезона беше најдобар стрелец во тимот на Бенет Вигерт. Ланската сезона со Магдебург стигна до титула во Бундес лигата, годинава до трофеј во Лигата на шампионите.
„Нема подобар крај на сезоната од освојување на Лигата на шампионите. Многумина пред викендот рекоа дека сме аутсајдери, а не бевме…Едноставно, верувавме во себе“, изјави Смитс.
Дека ќе игра одлучувачка улога во вториот дел од сезоната, како и на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн никој не очекуваше. Левичарот често беше резерва и во сенка на исландскиот репрезентативец Омар Инги Магнусон.
Но, Магнусон доживеа повреда за време на Светското првенство во јануари. Неговата повреда значеше голема минутажа за Кај Смитс, кој во последните четири месеци експлодираше и тој беше многу повеќе од обична замена за ракометарот од Исланд.
Холандскиот репрезентативец во полуфиналниот дуел против Барселона беше стрелец на 12 погодоци, додека во финалето реализираше осум погодоци.
Новата ракометна ѕвезда потекнува од ракометно семејство. Неговата сестра Игнер Смитс е актуелна репрезентативка на Холандија, која во 2019 година го освои Светското првенство, додека неговиот брат Јорн, моментално го носи дресот на Холстебро, клуб во кој настапуваше и Каи. Исто така, неговиот татко Гино и неговата мајка Сесил беа дел од холандската репрезентација.