Малку познатиот хрватски ракометар Игор Монтанари Кнез кој најголемиот дел од кариерата го помина во домашните клубови, поради проблеми со повредите рано ја прекина својата кариера.
Последен клуб во кој играше Хрватот беше Слован Љубљана. Ова е втор клуб во кој играше надвор од неговата земја, а првото интернационално искуство му е во првенството на Бахреин. Кариерата ја започнал во Црквеница, играл уште и за Умаг и Замет.
Игор Монтанари Кнез во интервјуто за „24 сата“, како причина што престанал да игра ракомет ја наведува и платата во клубовите која како што вели, не е доволна ниту за пристоен живот. Шанса за подобар живот побарал во сопствен бизнис, а започнал со хотел за кучиња.
„Од ракометот егзистенција можат да си обезбедат само неколку најдобри играчи. Останатите функционираат полуаматерски бидејќи примањата не се доволни ниту за пристоен живот. Јас имав семејство и ми стана неодржливо да зависам од платата која е неизвесна. Најмногу бев разочаран затоа што не се вреднува работата а во ист кош се и најдобрите и најлошите играчи. Исти манипулатори продаваат приказни, платите доцнат четири-пет месеци од тоа човекот се уморува. Престанав со ракометот, но како што се случува во животот една врата се затвора друга се отвора. Идејата за хотел за кучиња беше на сопругата, а клучен момент беше кога ние немавме каде да го оставиме кучето во еден момент ког требаше да одиме на свадба. Ако ние го имавме тој проблем сигурно го имаат и други. Започнавме во мало место, на почетокот не одеше најдобро, но за неколку години нашиот хотел беше прогласен за најдобар во Хрватска“, раскажа Кнез.
После осум години работа хотелот за кучиња веќе е минато, Хрватот се насочи кон нов бизнис, а тоа се плажите наменети исто така за кучиња.
„Ни требаа две години оваа идеја за плажа да заживее како што треба, но со отварањето на плажата стигна и популарноста во медиумите па стигнавме и до Њу Јорк Тајм и Ројтерс. Имавме многу проблеми на почетокот никој не знаеше да не упати на вистинското место но успеавме да започнеме. Сопствениците и кучињата имаа ист комфор на нашите плажи, но луѓето кои доаѓаат мора да бидат сигурни дека нивниот миленик нема да направи проблеми на плажата. Кучињата на нашата плажа имаат своја пица, чипс, сладолед, помфрит, чај. Убедливо најомилен на сите им е сладоледот од ванила. Постои и полигон на плажата каде што сопствениците и кучињата можат да вежбаат трикови, има тушеви и се што е потребно. Главниот извор на заработка доаѓа од понудата за сопствениците“, објасни Хрватот.
Монтанари Кнез после четири години пауза повторно се врати на ракометот, не е тоа како порано професионално, но сепак е дел од клубот Сењ. Со овој клуб запиша настапи во втората лига на Хрватска, а ќе продолжи и наредната сезона.