Тимот на Пролет есенската полусезона ја заврши на седмото место на табелата во Суперлигата, но се уште има шанси за место во разигрувањето за титулата напролет.
Во клубот се задоволни од работата на Алексо Лембанов, кој седна на тренерската клупа по заминувањето на Андон Бошковски и можеби младиот стратег ќе продолжи да го води тиимот и напролет.
„Летово го доведовме Андон Бошковски со желба тој да биде наш тренер на подолг рок, размислувавме за соработка од минимум две години. За жал, не успеа да се создаде „хемија“ меѓу новиот тренер и играчите, формата и резултатите тргнаа во надолна линија и мораше да се реагира. Задоволни сме од она што Лембанов го одработи како привремена опција, младиот стратег успеа да го „разбуди“ тимот и да го кренеме нивото на игра. Во наредните денови ќе донесеме одлука околу тренерската функција до крајот на сезонава, дали Лембанов ќе остане или ќе биде ангажиран нов стратег. Исто така, ќе бидаст избрани и нови засилувања, се со цел Пролет да атакува на место во плеј-офот. Слабите резултати во последно време ја искомпликуваа состојбата, но ние како клуб никогаш не сме се предавале, ниту пак ќе се предадеме во иднина – ќе се бориме до последен атом на силите за да ја оствариме зацртаната цел, пласман во плеј-офот, а потоа и борба за излез во ракометна Европа“, вели директорот на Пролет, Сашо Огњеновски во изјава за клупскиот веб-сајт.
Првиот оперативец на клубот не го крие разочарувањето што ракометарите на Пролет се изоставени од репрезентативните списоци.
„Пролет е клуб што работи квалитетно на создавање на домашни ракометари, долги години не настапувавме со странски играчи во тимот бидејќи македонските ракометари и нивна значајна улога во нашата екипа е нешто што е приоритет. И во моментов имаме најмалку двајца до тројца играчи кои се одлични на своите позиции, можат да одговорат на барањата и во напад и во одбрана, но упорно се игнорирани кога станува збор за репрезентацијата. Разочарувањето е уште поголемо кога се гледа како во националниот тим се повикуваат играчи од понизок ранг на натпреварување, додека оние на Пролет упорно се игнорираат без оглед на квалитетот што го поседуваат“, разочарани се од Пролет.
Директорот на Пролет откри дека клубот не добива финансии од општината.
„Сведоци сме како речиси сите клубови од Супер-лигата добиваат соодветна помош од локалните самоуправи. Пролет е единствениот за кого општината од каде доаѓа не чувствува никаква одговорност да му излезе во пресрет. Ние сме единствените што не само што не добиваме пари како директна помош, туку и ги плаќаме сите термини за нормално функционирање на првата екипа и на младинските тимови. Функционираме на високо ниво благодарение на генералниот спонзор, компанијата Тинекс, и на останатите помагатели, но за да бидеме уште поконкурентни неопходно е и општината да подаде рака и да ни излезе во пресрет како еден од најстарите ракометни клубови во Македонија. Се надевам дека со доаѓањето на новиот Градоначалник на Општина Центар и овој тренд ќе се промени, бидејќи неговиот претходник имаше поинакви приоритети што се покажаа погрешни“, заврши Огњеновски.