Од Нексе воодушевени: Задоволство е да се игра пред Чкембари и македонските навивачи

Ракометарите на Нексе во последниот натпревар од групната фаза од регионалната СЕХА лига беа поразени на гостувањето кај Еурофарм Пелистер со 27:23.

Нексе на денешниот дуел во Битола одигра под посакуваното ниво, иако допатува без неколку клучни ракометари.

Тренерот Бранко Тамше му честиташе ја Јовиќ за одличниот дебитански настап како тренер на македонскиот вицепрвак и истакна дека е задоволство да се игра пред битолската публика.

,,Одлична победа и одличен нов почеток на мојот пријател Александар Јовиќ. За неколку дена направи одлична работа. Ние бевме уморни, со 13 часа пат и без седум играчи кои викендов играа за националните тимови. Кога промашувате четири пенали и многу чисти шанси, не можете да победите против голем тим како Еурофарм Пелистер. Беше задоволство да се игра овде во Битола, пред Чкембари и пред сите македонски навивачи кои го сакаат ракометот”, изјави Тамше.

Голманот Морено Цар смета дека двајцата голмани на Еурофарм Пелистер имале свој ден.

,,Голманите на Еурофарм Пелистер имаа одличен ден и тие беа клучниот фактор за победата. Игравме со многу подеми и падови и со тој стил на игра едноставно не можеш да добиеш натпревар во Битола. Ни недостигаа многу играчи, а кога ќе се вратат ќе бидеме подобри”, изјави Цар.

Нексе во четвртфиналето од регионалната СЕХА лига ќе игра против хрватскиот првак Загреб.

Кизиќ херој против Нексе, Еурофарм Пелистер од второто место во СЕХА четвртфинале!