ПИШУВА А.К.Н.
Помина една година од денот за историја на Вардар. Сеќавањата за ланската титула се сè уште свежи, а како ги гледаме повторно сликите, снимките и натписите, емоциите се исти и подеднакво силни.
А Вардар. Вардар е уште шампион! Судбината не можеше да дозволи лесно да ја изгуби титулата, па уште не е ни сигурно дали и кога ќе се добие нов шампион за изминатава неславна сезона.
Можеби добро ни дојде паузата, да се смират страстите, да се согледа реалноста… Како пристигнуваат информациите за раздвиженоста на ракометниот пазар кај нас, па трансформацијата на клубот која носи надеж – ракометната треска почна да станува еуфорична.
Вардар ќе има тим, ќе има надеж, веќе се потврдени нови играчи, а со нетрпение чекаме кој ќе излезе како сигурен добитник од лотаријата на натписи за нови засилувања. Едно сфатив, премногу ми недостигаат утакмиците во „Јане“, љубовта, енергијата и прекрасната возбуда од ракометот. А знам дека Вардар, тим со лавовско срце, секогаш ќе ни пружа од сето тоа во голема мерка.
Многу интересен е и ангажманот за формирање добар тим на Еурофарм Пелистер. По социјалните мрежи почна силно да се разгорува најсилното навивачко ривалство меѓу Комити и Чкембари. Колку многу уживам во тоа, што имаме толку силен ракомет, за да имаме и такви силни навивачки ривалства.
Многумина можеби ќе ме осудат, но јас секогаш навивам за македонските тимови, и ги следам нивните настапи во Европа. Кога се игра локално, нормално дека си имам омилен тим, сакам да постои конкуренција, секогаш е добредојдена за развојот на спортот.
И Металург не се предава. Ќе видиме следната сезона колку отпор ќе може да пружи и во која насока ќе продолжи.
А тука е и мојата голема надеж за македонскиот ракомет, клубот на Кире Лазаров КЛ7, кој многу брзо успеа да влезе во Супер лигата и навистина се надевам дека ќе успее во иднина да создаде квалитетни играчи од Македонија.
Ниту женскиот ракомет не смее да се занемари, тимот од Куманово се пријави за учество во Лигата на шампиони. Можеби нема да очекуваат големи резултати, но тоа е целта на еден спортист, да оди напред, да граби колку може повеќе.
Допрва очекуваме уште интересни вести за дооформување на тимовите, но од сегашна гледна точка, за нас следната сезона веќе може да почне. Ние ќе бидеме во сала, а уште сега апелираме да не се заборави на ТВ пренос од гостинските натпревари на нашите тимови.
И за крај на овој роденденски текст од последната шампионска титула, вардарци вечно ќе ви бидеме благодарни за сите мигови на среќа кои ни ги приредивте! И нема предавање! Знаеме дека секогаш може да се повторат чуда, во нашава мала земја, но полна со големи ракометни срца!
А.К.Н.