Од Мешков открија: Испративме понуди за Кристопанс, Дибиров, Скубе…

Европскиот шампион Вардар го очекува натпреварот од деветтото коло во Лигата на шампионите против Мешков Брест. Белорускиот шампион не игра на нивото од претходните сезони и нема да го повтори успехот со играњето во осминафиналето во најелитното натпреварување.

Во интервју за белоруските медиуми, спортскиот директор на Мешков Брест, Павел Башкин, откри дека во минатата сезона упатиле понуди кон петмина ракометари на Вардар.

„Ние испративме понуди пролетва до Тимур Дибиров, Даинис Кристопанс, Дмитри Кисељов, Игор Карачиќ, Сташ Скубе, а го сакавме и Камил Шипжак. Бевме многу блиску до потпишување договор со некои од нив. Но подобрите финансиски услови од некои од другите клубови беа причина на крај да не дојдат во Брест. Ѕвездите ретко се решаваат да дојдат кај нас. Таков беше примерот со Диего Симоне, Габор Часар, Сергеј Рутенка кога беше активен, потоа Марко Копљар, Миха Зарабец додека беше во Целје, со кој ги договоривме личните услови, но на крајот тој се реши за Кил. Но покрај финансиските услови, кои овде се одлични, сепак има други причини што ракометарите од екстра класа не доаѓаат. Сите прашуваат има ли училишта во кои се учи на англиски, дали има аеродром и чартер летови, продавници со луксузни брендови…“, вели Башкин.

Белоруските медиуми најавуваат нова реконструкција на играчкиот кадар и заминување на тренерот Раул Алонсо со оглед на промашената сезона.