Од карантин на натпревар: Келце ја растури Висла среде Плоцк!

Тимот на Келце, иако беше десетина дена во карантин поради коронавирусот, сепак немаше никакви проблеми во полското дерби и славеше над големиот ривал Висла Плоцк на гости со 19-31.

Избраниците на Талант Душебаев уште во првиот дел ја најавија победата кога поведоа со 3-7, а беше и 4-8. Сепак ослабениот домашен тим, во кој недостигаа Фернандез, Сита, Крајевски и Руиз, успеа да се врати во игра и на пауза се замина со 12-14.

Но во второто полувреме следуваше потоп на Висла. Само седум постигнати голови наспроти 17 на Келце. Избраниците на Чави Сабате немаа решение за разиграните гостински ракометари во чиј ростер сите се запишаа во листата на стрелци.

За Келце, Каралек постигна пет погодоци, а четири дадоа Фернандез и Карачиќ, додека кај Висла се истакна Дутра Силва со шест голови. Келце сега е неприкосновен на табелата во полскиот шампионат и има десет победи на десет меча.