Екипата на ГОГ Гудме од Данска денеска гостува кај Рајн Некар во терминот од 18:45 часот и ова е првиот натпревар од Групата Д каде што е и претставникот на Македонија, Еурофарм Пелистер. Од него зависи многу конечниот пласман во групата, но зависи и тоа кој против кого ќе игра во осминафиналето.
„Можам да потврдам дека против Рајн Некар ќе се надигруваме и нема да тактизираме. Доколку загубиме тоа ќе биде исклучиво доколку противникот е подобар. Ние нема да правиме ништо намерно со цел некакво тактизирање за бирање на противник или слично. Немаме таква намера и нашата цел е да одиме до крај фер и коректно“, вели тренерот на Гог Гудме Николеј Крикау.
Сите сакаат да го избегнат Монпелје кој е трет во Групата Ц, а ја сакаат ЦСКА која е вторипласирана, па затоа се зборува за можно тактизирање од страна на тимот од Данска.
„Некои играчи ќе одмораат. Захаријасен се повреди, а размислував да играме со вториот тим против Рајн некар. Сепак, нема да биде така. Ќе паузира Матијас Гидсел, па шанса ќе добијат и други играчи. Меѓутоа ова не значи дека на овој натпревар излагаме за да загубиме туку одиме да ги добиеме бодовите“, коментира тренерот на ГОГ.
Од овој натпревар зависи многу и епилогот на крајот од групната фаза и за Еурофарм Пелистер односно позицијата од која ќе влезе во осминафиналето. Добро е тоа што пред да почне дуелот во Швајцарија веќе ќе биде познато какви се шансите за Еурофарм Пелистер.