Денеска тимот на Келце објави дека потпишал договор на пет години со младиот нигерски ракометар Фарук Јусуф.
Минатото лето тој беше еден од најдобрите стрелци на кадетскиот Мундијал во Скопје и веднаш стана мета на многу европски клубови, но Бутел Скопје беше најбрз и потпиша четиригодишен договор.
Од македонскиот клуб го оспоруваат трансфер на младиот Нигериец и велат дека Јусуф е нивни играч.
„Ние имаме валиден договор со Јусуф на четири сезони кој е потпишан лани. Поради комплексноста на добивањето на дозвола за неговиот престој во Македонија работата се развлече и тој не пристигна. Поради тоа што е малолетен мора да има потпишана дозвола од неговиот старател дека може да се пресели во друга држава. Ние веќе ангажиравме и адвокат за целиот случај, кој се занимава со тие дозволи. Доколку е потребно ќе се обратиме и до ЕХФ, а ако Келце го сака, мора прво да се обрати кај нас“, вели претседателот на клубот Влатко Тасевски за 24Ракомет.
Бутел Скопје втора година по ред е македонски претставник во Лигата на Европа и важи за еден од најстабилните суперлигаши.