Селекцијата на Германија се соочува со големи проблеми пред продолжението на Европското првенство во Унгарија и Словачка и пред дуелот за првото место во групата против Полска.
Селекторот Алфрд Гисласон остана без дури седум од играчите во текот на вчерашниот ден, а на денешното тестирање позитивни резултати добија уште двајца играчи – голманот Тил Климке и бекот Марсел Шилер.
Цела среќа во несреќа е тоа што новоповиканите играчи – Дамке, Битер, Фирнхабер, Друкс и Виде стигнаа на пладне во Братислава и добија негативни резултати на тестовите, па ќе бидат дел од вечерашниот натпревар.
Сепак прашање е колку ќе можат да покажат на теренот со оглед на паузата без тренинзи и патувањето пред мечот.
Германија ќе има 14 ракометари во ростерот, па за Полјаците останува шанса со триумф да пренесат два бода во главната рунда и да се вмешаат во борбата за полуфиналето на ЕП.