Одличниот Томовски премалку за Лудвигсхафен, Кузмановски до лесна победа

Двајца македонски репрезентативци настапија со своите клубови во Бундес лигата.  Томовски со Лудвигсхафен беше минимално поразен од Есен со 25:26, а Хановер и Кузмановски остварија лесна победа против Нордхорн со 31:22.

Мартин Томовски имаше извонреден настап со 12 интервенции на голот на Лудвигсхафен, но и тоа не беше доволно неговиот тим да избегне пораз. После првото полувреме гостите имаа водство од 10:11 и до крај на мечот го задржаа за важна победа.

Филип Кузмановски се врати во составот на Хановер и постигна два гола од два удари со што даде свој придонес во победата. Хановер го контролираше натпреварот од почеток до крај и рутински освои нови бодови. На полувреме беше 18:14, а до крајот разликата достигна високи девет, 31:22.

Лудвигсхафен останува во опасната зона на 18. позиција со осум освоени бода, а во наредното коло ќе го пречекаат Вецлар на Филип Миркуловски. Хановер се наоѓа на 13. позиција со 16 бодови. Следниот натрпевар Кузмановски повторно ќе го има на домашен терен протви Мелсунген.