Ракометарите на Струга по убедливиот пораз од Охрид во минатото коло, се вратија на победничките патеки, откако славеа на домашен терен против Радовиш со 27-21. И на полувреме домашните имаа плус пет, 15-10.
По почетните 1-1, во 6. минута, Радовиш остана без првиот голман Славјан Паунов, кој во обид да спречи контранапад на домашните, направи груб фаул и доби црвен картон. Во продолжение, избраниците на Наум Танески поведоа со 3-1 и 5-2, но во следниот период радовишани се вратија на минус еден, 6-5.
По 13-10 во финишот на полувремето, гостите направија две грешки во низа, а Струга казни преку Рајатовски и преку Николиќ, кој реализираше пенал по истекот на времето за 15-10.
Во второто полувреме Струга водеше и со плус шест, 24-18, но избраниците на Љупче Мијалов со серија од три голови преку Долдуров и Ристов намалија на 24-21 на десетина минути до крајот.
Сепак гостите немаа сили за комплетен камбек во натпреварот и стружани помогнати од голманот Затаракоски рутински успеаја да го приведат до крај, со победа од плус шест, 27-21.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа искусниот Богдан Николиќ со десет голови и Пеце Рајатовски со шест, додека кај Радовиш по четири пати погодоија Зоранчо Стојановски и Ивица Илиев.