Вардар и Алборг одиграа добро прво полувреме во кое имаше дури 32 гола, пресврти со одлични периоди на двете страни, но на одмор нема да има предност за никого бидејќи е 16:16.
Почетокот на натпреварот мина во знакот на гостите. За десет минути игра успеаја да ја преземат целата контрола на средбата и постојано да бидат во позитива. Алборг имаше резултат од 8:4 и ова беше знак за аларм, па Вујовиќ мораше да повика тајм-аут.
Минутата одмор даде резултат бидејќи почна подобра игра и поконцентрирана на „црвено-црните“. Престанаа со брза и одеа мирно и сигурно во напад. Тоа даваше резултат бидејќи почна да се топи предноста на гостите.
Се комбинираше на секој можен начин, се правеа замени за да се дојде до реметење на играта н противникот, а тоа овозможи да се дојде и до приклучок. Неколку одбрани на Ристовски донесоа и сигурност за одбраната што беше најава дека ќе се дојде до подобар резултат.
Од 10:13 во 21. минута за три минути беа постигнати три гола за 13:13. Минута подоцна имаше шанса и за водство, но Гаџа и Стоилов не проиграа најдобро што отвори простор за контра Бјорнсен за ново водство на гостите.
Неколку минути двајцата тренери се надмудруваа со седум играчи во напад. Се обидуваа така да ја разнишаат одбраната, а тука Вардар успеа конечно да дојде до пресврт и во 29. минута со шесттиот погодок на Дибиров да дојде до предност од 16:15. Гостите вратија со погодок, па на одмор се замина со нерешени 16:16.
Дибиров ги предводи стрелците со шест гола. По два имаат Стоилов, Валчак и Моралес, а по еднаш во голот на Алборг погодија Талески, Георгиевски, Чувара и Оливие Њокас. Во тимот на Алборг, Феликс Клар е број еден со четири погодоци.