Двајцата македонски арбитри Марко Огњановски и Дамјан Савиќ, кои се дел од проектот „Млади судии“ на ЕХФ ќе имаат втор меѓународен предизвик во кариерата.
Огњановски и Савиќ ќе бидат дел од Европското отворено првенство, што ќе се игра во шведскиот град Гетеборг од 3 до 7 јули.
Ова е првенство за ракометари до 17 години, категорија која ја нема во машка конкуренција во ЕХФ, но овој турнир е дел од подготовката на кадетските селекции, кои идната година ќе бидат дел од ЕП 2024 година.
На ова првенство ќе играат 20 селекции, поделени во пет групи по четири репрезентации, а по групната фаза ќе следува и разигрување за пласман.
Ова ќе биде уште шанса плус за Огњановски и Савиќ да ги покажат своите квалитети по ланската година, кога беа дел од Универзитетските игри во Полска и да направат чекор напред кон добивање на ЕХФ значка во иднина.
Тие веќе ја делат правдата во Првата лига и во Женската лига во Македонија, како и на натпреварите од сите младински категории.