Тимот на Текстилец имаше победнички старт на плеј-аут натпреварувањето во Првата лига, откако славеше со огромен пресврт во финишот против Преспа со 23-22.
Штипјани отворија со водство од 4-0 и веројатно помислија дека лесно ќе ги освојат бодовите. Сепак не беше така, упорните гости успеаја да се вратат и да го свртат резултатот до паузата во своја корист, 10-12.
Беше и 15-20 за Преспа во 45 минута, но тука застанаа гостите и десетина минути не можеа да постигнат гол! Домашните беа успешни во нападот и со серија од седум гола стигнаа до плус два, 22-20.
Беше и 23-21, ресенци преку Шиклевски намалија на 23-22, а потоа имаа и шанса барем за бод, но сепак победата остана за Текстилец. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Петров и Ристов со по осум гола, додека кај Преспа се истакна Шиклевски со седум и Камчев со шест погодоци.