Репрезентацијата на Црна Гора со триумфот против Романија од 35:34 обезбеди пласман во полуфиналето на Европското првенство 2022.
Една од најдобрите ракометарки на светот, левиот бек Кристина Неагу, која по вчерашниот дуел со Црна Гора стана најдобар стрелец на вечната листа на стрелци на континенталните собири и во машка и во женска конкуренција, воопшто не штедеше зборови за судискиот пар од Австрија, Ана Вранеш и Марлис Венингер.
,,Не ми е гајле дали некој ќе каже дека сме Романци, дека за судењето зборуваме само кога губиме. Ако сè уште не разбирате дека заслуживме да победиме, тоа значи дека не сте Романец или не ви е гајле за ракометот. Тоа јасно се виде на теренот. Овие судии не треба повеќе да судат на никој! Се гледаше како ќе судат уште од првата минута. Немам ништо против Црна Гора, ја сакам Црна Гора, овде не се криви црногорските ракометарки, но ние бевме подобриот тим. Вака не можеш да играш ракомет. Не можете да играте против вакви судиски одлуки. Би сакала судиите да го погледнат натпреварот и да ги видат нивните грешки. Мислам дека Итана Грбиќ направи чекори пред да дојде до седмерецот. Не ми е јасно зошто судиите не погледнаа во мониторот. Ова беше исклучително важен натпревар”, изјави Неагу за романскиот портал „ГСП“.
Романската ракометна јавност бара од својата федерација да поднесе жалба до ЕХФ.